Јапонскиот производител Ајком (Icom) соопшти дека престанал да прави воки-токи за кои постои сомневање дека се разнесени вчера во Либан, убивајќи членови на движењето Хезболах, кои пак го обвинуваат Израел за подметнување.
„Уредот IC-V82 е преносливо радио кое се произведуваше и извезуваше, вклучително и на Блискиот Исток, од 2004 година до октомври 2014 година. Производството беше прекинато пред околу 10 години и оттогаш уредот не е испратен од нашата компанија“, изјавија од компанијата денеска како одговор на информациите на Њујорк Тајмс и на израелските медиуми кои го споменуваат тој модел.
Како што се додава, прекинато е и производството на батериите потребни за работа на тој уред, а не е идентификуван холографскиот печат што се користи за идентификација на фалсификувани производи, па не може да се потврди дали производот е испратен од таа компанија.
Од компанијата соопштија и дека производите наменети за странските пазари се продаваат исклучиво преку одобрени дистрибутери.
„Сите наши радија се произведуваат во нашата производствена филијала Wakayama Icom во префектурата Вакајама под строг систем за управување … така што ниеден дел освен спецификацијата на нашата компанија не се користи во производот. Дополнително, сите наши радија се произведуваат во иста фабрика, а ние не произведуваме во странство“, се вели во соопштението на компанијата.
Дваесет лица загинаа, а повеќе од 450 се повредени ширум Либан во експлозија на воки-токи на член на Хезболах, според либанското Министерство за здравство, еден ден по слични експлозии на масовни пејџери.
Во Бејрут, воки-токи експлодираа истовремено во јужните предградија во време кога беше во тек погребот на четворицата членови на Хезболах убиени претходниот ден во експлозија на пејџер, според извори блиски до либанското движење и спасувачите.
Локалните медиуми јавија дека слични експлозии се случиле на југот и на истокот на земјата.
Во вторникот, во истовремени експлозии на пејџери, систем за радио пораки што го користеше и проиранското исламистичко движење, загинаа 12 лица, а беа ранети меѓу 2.750 и 2.800, според либанското министерство во напад без преседан што му се припишува на Израел.
Израел не ги коментираше експлозиите, додека САД упатија строго предупредување до сите страни во конфликтот.
Овој бран експлозии ги зголемува стравувањата од уште поширока војна меѓу Хезболах и Израел.