Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека во изминатите неколку дена Израел му нанел на либанскиот Хезболах серија удари кои либанската екстремистичка организација не можела да ги замисли.
„Ако Хезболах не ја разбра пораката, ви ветувам дека ќе ја разберат“, рече Нетанјаху во денешната видео-објава и најави враќање на жителите на северен Израел евакуирани поради нападите на Хезболах од јужен Либан, кои траат речиси една година.
„Ниту една земја не може да толерира пукање во нејзините граѓани, нејзините градови, а ние – Државата Израел – нема да го толерираме тоа. Ќе направиме сè што е потребно за да ја вратиме безбедноста“, рече израелскиот лидер.
Во петокот, во израелски напад врз станбена зграда во Бејрут, убиени се командантите на елитната единица Хезболах Ибрахим Акил и Ахмед Вахби заедно со други високи членови на проиранската шиитска организација, јавуваат израелските медиуми.
На тој напад му претходеа експлозии на пејџери и воки-токи на членови на Хезболах, во кои загинаа 37 лица.
Израел, исто така, изведе стотици воздушни напади во последните денови, главно насочени кон ракетни фрлачи.