Швајцарската полиција уапси неколку лица откако 64-годишна жена изврши самоубиство користејќи таканаречена „капсула за евтаназија“. Полицијата отвори истрага поради сомнение за поттикнување и помагање самоубиство.
Капсулата Sarco, која никогаш претходно не била користена, е дизајнирана да му овозможи на лицето внатре да притисне копче кое вбризгува азотен гас во запечатената комора. Лицето потоа треба да заспие и да умре од задушување за неколку минути.
Швајцарската министерка за внатрешни работи Елизабет Баум-Шнајдер вчера пред пратениците изјави дека Сарко „не е легален бидејќи не е целосно усогласен со законот“, пренесува France24.
Полицијата во соопштението соопшти дека адвокатска фирма ги информирала обвинителите дека асистирано самоубиство со капсула Сарко се случило вчера во близина на шумска кабина во Меришаузен, северна Швајцарија.
Приврзаниците на употребата на капсулата велат дека позитивното е тоа што дава опција за евтаназија која не се потпира на лекови или лекари и дека го проширува пристапот до евтаназија. Но, многумина стравуваат дека модерниот дизајн на уредот го велича самоубиството, а фактот што може да се ракува без лекарски надзор е, посочуваат, загрижувачки.
Патем, потпомогнатото умирање е нелегално во повеќето европски земји, но со текот на годините илјадници луѓе патувале во Швајцарија за да си стават крај на сопствениот живот. Швајцарскиот закон дозволува потпомогнато самоубиство се додека лицето си го одземе животот без „надворешна помош“, а оние што му помагаат на лицето да умре не го прават тоа од „никаков себичен мотив“, се вели на веб-страницата на владата.