Украинскиот претседател Володимир Зеленски е во САД, каде зад затворени врати разговараше со сè уште актуелниот претседател Џо Бајден, а подоцна одржа и заедничка прес-конференција со Камала Харис. Џо Бајден му се заблагодари на Володимир Зеленски што го сподели неговиот „план за победа“, соопшти Белата куќа.
Двајцата лидери разговарале за военото финансирање и за долгорочната безбедност на Украина, се наведува во соопштението.
„Ние стоиме со Украина сега и во иднина … Дозволете ми да бидам јасен. Русија нема да ја добие војната“, рече Бајден
Володимир Зеленски во Овалната соба пред средбата зад затворени врати со Џо Бајден изјави:
„Господине претседателе, ви благодариме за силната поддршка и одлука да ни помогнете да ја заштитиме Украина. Украина е нашиот дом. Длабоко цениме што Украина и Америка застанаа рамо до рамо од првиот момент …
Вашата решеност е неверојатно важна за нас да ја надминеме војната … Мораме да го вратиме нормалниот живот и многу го цениме вашето лидерство … Имаме и 26 билатерални безбедносни договори со партнерите врз основа на Декларацијата за безбедност на Г7. Имаме силен безбедносен договор со САД, благодарни сме за тоа и целосно ќе го спроведеме.
И многу е важно што ја споделуваме истата визија за безбедносната иднина на Украина во ЕУ и НАТО, а Украина на тој пат спроведува невиден број реформи. Денес имаме нов пакет за поддршка … Ова ќе биде голема помош.
Денеска поставив план за победа со претседателот Бајден. Се подготвуваме да разговараме за деталите за да го зајакнеме планот, да ги координираме нашите позиции … Ви благодариме за таа непоколеблива двопартиска поддршка и на целиот американски народ. Мора да победиме, заедно ќе победиме“, се вели во изјавата на Зеленски.