Изведувачот одговорен за изградба на зграда во јужниот дел од Турција, во која загинаа 96 лица од силниот земјотрес во февруари 2023 година, доби 865 години затвор.
Зградата од 14 ката се урна во Адана по земјотресот од 7,8 степени во 4:17 часот. Само еден од жителите на зградата преживеал.
Во силниот земјотрес загинаа повеќе од 53.500 лица во Турција, и речиси 6000 во Сирија.
Според турските медиуми изведувачот Хасан Алпаргун бил осуден за „намерно предизвикување на смрт и повреда на повеќе од едно лице“, избегал во северниот дел на Кипар, на денот на земјотресот, но се предал една недела подоцна.
Уривањето на блокот кој бил изграден во 1975 година, веднаш покрена сериозни прашања, и покрај тоа што Адана се најде на 200 километри од епицентарот на земјотресот.
Во текот на судењето, експертите откриле сериозни пропусти во конструкцијата на столбовите, како и во квалитетот на употребениот бетон.