Во светлината на новите сознанија за наводната блиска врска меѓу поранешниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, за која пишува во својата нова книга новинарот кој го разоткри Вотергејт, Боб Вудворд, европските влади изразуваат загриженост за иднината на Украина и размена на разузнавачки информации.
Според Вудворд, Трамп и Путин разговарале најмалку седум пати откако Трамп ја напушти функцијата во 2021 година, а тој исто така тврди дека републиканскиот претседателски кандидат тајно му испраќал вирусни тестови на Путин за негова лична употреба за време на пандемијата на корона вирусот, објави Телеграф.
Еден европски дипломатски извор рече дека е „многу загрижувачки“ да се мисли дека Западот би можел да соработува со Путин доколку Трамп повторно стане претседател.
Трамп постојано изјавува дека би можел да ја прекине војната во Украина со посредување меѓу Киев и Москва, поради што европските претставници се загрижени дека тој би можел да ја принуди Украина да и отстапи дел од територијата на Русија во замена за прекин на огнот.
Се поставува и прашањето за безбедноста на западните разузнавачки информации, имајќи предвид дека поранешниот директор на ЦИА Леон Панета предупреди дека Трамп станал „извор (на информации)“ за Путин.
Иако изборниот штаб на Трамп и Кремљ негираа дека одржуваат редовни комуникации, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ја потврди точноста на тврдењата за испорака на тестови за корона вирусот.