Мал авион се урна во неделата вечерта во станбена зона во градот Савана, во американската сојузна држава Џорџија, при што загина пилотот, а еден патник е повреден, додека на теренот нема повредени, соопшти локалната полиција.
Полициската управа на Савана во кратко соопштение потврди дека полициска екипа била испратена на местото на несреќата, која се наоѓа на околу пет километри јужно од историскиот центар на градот, пренесува АП.
- Пилотот загина, а сопатникот има полесни повреди. Никој на теренот не е повреден – објави полицијата на Савана на својата сметка на мрежата Х.
Синдикатот на пожарникарите од Савана на Фејсбук објави дека несреќата се случила нешто пред 22:00 часот, заедно со фотографија од урнат авион пред куќа.
Засега не е позната причината за падот на авионот, а полицијата потврди дека Федералната управа за воздухопловство започнала истрага.