Американската војска го распореди напредниот противракетен систем THAAD во Израел за краток временски период, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и додаде дека целта на овој потег е зајакнување на одбраната на Израел откако Иран истрела повеќе од 180 балистички ракети врз земјата.
Остин, исто така, објасни дека околу 100 припадници на американската војска се распоредени да го поддржат Израел во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток, пренесува Ројтерс.
„Системот THAAD е поставен. Имаме можност брзо да го ставиме во функција и досега напредуваме како што се очекуваше“, им рече Остин на новинарите пред неговото денешно пристигнување во Украина, но одби да каже дали системот е оперативен.