Американскиот државен секретар Антони Блинкен во вторникот пристигна во Тел Авив за да одржи состаноци со израелски официјални претставници додека САД се обидуваат да ги унапредат напорите за изнаоѓање дипломатско решение за ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Ова е 11-та посета на Блинкен на регионот по избувнувањето на војната минатата година, а доаѓа во критично време кога се очекува израелска одмазда на иранскиот ракетен напад, додека преговорите за прекин на огнот во Либан и Газа се во застој.
Посетата доаѓа во време на затегнати односи меѓу Вашингтон и неговиот најблизок сојузник во регионот. САД неодамна го предупредија Израел дека може да ја прекине испораката на оружје доколку не се подобри хуманитарната ситуација во Газа.
Неодамнешните протекувања од американски разузнавачки кругови за воените планови на Израел дополнително ги заострија односите. Сепак, Стејт департментот во понеделникот рече дека не очекува за протекувањето да се разговара за време на состаноците на Блинкен.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, во понеделникот изјави дека Белата куќа не е оптимист за обновување на преговорите за прекин на огнот во Газа и Либан.
Тензиите во регионот се на високо ниво, а иранската мисија во Обединетите нации предупреди дека САД ќе бидат „соучесник“ во каква било израелска агресија против Иран, доколку продолжи да му обезбедува напредна воена опрема на Израел, пренесува Си-Ен-Ен.