Рускиот претседател Владимир Путин изрази надеж дека Западот ги слушнал неговите предупредувања за последиците од дозволувањето украински напади длабоко во Русија, пренесува ТАСС.
„Не ми кажаа ништо за тоа, но се надевам дека слушнале. Затоа што, се разбира, и ние ќе треба да донесеме некои одлуки за себе“, рече тој, одговарајќи на прашање во интервјуто со новинарот Павел Зарубин, објавено на каналот Телеграм.
Претседателот истакна дека вооружените сили на Украина не можат самостојно да користат високопрецизно оружје, тоа можат да го направат само експерти од земјите на НАТО.
Путин, потсетува ТАСС, во септември посочи дека ако се донесе одлука за удар длабоко во Руската Федерација, тоа нема да значи ништо повеќе од директно учество на земјите од НАТО, САД и Европа во воениот конфликт во Украина.
Според Путин, тоа ќе значи дека тие се во војна со Русија. А ако е тоа така, тогаш, имајќи ја предвид промената на самата суштина на овој конфликт, Руската Федерација ќе донесе соодветни одлуки врз основа на заканите што ќе и се создадат, предупреди тој.
„Руска газета“ потсетува дека на 8 октомври рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Груско изјави дека дозволувањето на Украина да удри длабоко во руската територија со проектили со долг дострел ќе ја промени природата на конфликтот.
Заменик министерот нагласи дека Путин предупредил на последиците од таквата одлука.
Претходно, Државната Дума укажа на можна основа за употреба на нуклеарно оружје.