Израелскиот безбедносен кабинет разговара за условите за прекин на огнот со Хезболах во јужен Либан, каде што израелските трупи спроведуваат копнена офанзива, изјави министерот за енергетика Ели Коен.
„Има дискусии, мислам дека ќе биде потребно време“, изјави Коен за Израелското јавно радио.
Барањата на Израел во замена за 60-дневно примирје вклучуваат повлекување на Хезболах северно од реката Литани, на околу 30 километри од израелската граница; распоредување на либанската армија долж границата; механизам за меѓународна интервенција за спроведување на прекин на огнот и гаранција дека Израел ќе ја задржи својата слобода на дејствување во случај на закани, пишува Ал Џезира.
Според израелските медиуми, советникот на американскиот претседател Џо Бајден за Блискиот исток, Брет Мекгурк и специјалниот пратеник Амос Хохштајн, во среда ќе заминат за регионот за да се сретнат со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други израелски официјални лица за да разговараат за условите за прекин на огнот со Хезболах.
Нивната цел е да го спроведат договорот подготвен од Хохштајн, кој се базира на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН.
Според резолуцијата, со која заврши последната војна на Израел со Хезболах во 2006 година, само либанската армија и мировните сили на ОН УНИФИЛ ќе бидат распоредени во области јужно од либанската река Литани во близина на границата со Израел.