Од денеска во Германија стапи на сила Законот за самоопределување, кој им овозможува на граѓаните да го менуваат своето име и пол со изјава во матичната служба еднаш годишно.
Тоа им олеснува на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица да го менуваат полот во официјалните документи. Беше изгласан во април од коалицијата на левиот центар со бројни дискусии и силно противење од десничарските и конзервативните партии.
На малолетниците над 14 години им е потребна согласност од родителите или старателите за промена на името и полот. Во случај на деца под 14 години, родителите треба да поднесат изјава до матичната служба.
Во рок од 12 месеци од одобрувањето на барањето не може да се изврши понатамошна промена или враќање на претходниот пол.
„Со спроведувањето на Законот за самоопределување, едноставната промена на полот и името конечно стана реалност“, рече германската министерка за семејство, стари лица, жени и млади Лиза Паус , член на Зелените.
Германскиот квир комесар Свен Леман , исто така од Зелените, рече дека Германија се приклучила на групата земји кои им дозволуваат на луѓето да го менуваат полот и името без да се гледаат како болни.
Слични прописи веќе постојат во 16 земји, вклучувајќи ги Аргентина, Нов Зеланд, Ирска и Швајцарија.