6
Претседателот на Република Српска Милорад Додик ги повика сите припадници на српската заедница во Соединетите Американски Држави да го поддржат републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претстојните претседателски избори.
„Неговото враќање на чело на САД би значело враќање на разумна и правична надворешна политика од која зависи и глобалната стабилност“, изјави Додик за новинската агенција Срна.
Тој оцени дека РС „заслужува Америка која го почитува дејтонското уставно уредување на Босна и Херцеговина (БиХ) и суверенитетот на локалните институции, наместо онаа која наметнува амбасадорско самоволие и придонесува за нестабилност.
„Системот што го имаат САД и Босна и Херцеговина се заснова на принципите на проверки и рамнотежи, со цел да се обезбеди еднаквост и да се спречи доминација на едната страна. „Како што Калифорнија, најнаселената држава во Америка, не може да ја наметне својата волја на целата федерација, така и мајоризацијата не може да помине и да успее во Босна и Херцеговина“, смета Додик.
Според неговите зборови, Трамп го разбира тоа, поради што, како што рече, за разлика од претходните администрации, подобро ќе ја разбере ситуацијата во Босна и Херцеговина.
„Трамп нема да ги жртвува стабилноста и напредокот на БиХ заради експерименти и ситни игри на неколкумина кои ја граделе својата кариера и стекнале пари на тоа“, рече Додик.
Тој додаде дека „со надеж ја очекува победата на Доналд Трамп и се радува на нова ера на соработка со Белата куќа“.