28
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полициските службеници на Службата за организиран криминал на УКП вчера уапсиле четири лица, додека по едно лице интензивно се трага, за кое се сомничи дека е припадник на кавачкиот клан, кој следел и подготвувал убиство на Лука Бојовиќ.
Како што се наведува во соопштението на српското МВР, при претрес на гаража во Нов Белград, пронајдено е едно возило кое требало да послужи за извршување на ликвидацијата, во чиј багажник при претресот биле пронајдени 10 пиштоли, еден борбен елек и поголема количина муниција.
Лишени се од слобода Н. Б. (2004), Г. В. (2000), В. Р. (2004) и Н.Ѓ. (2000), рече министерот Дачиќ.
Лука Бојовиќ се врати во Србија во ноември 2022 година, откако отслужи повеќегодишна затворска казна во Шпанија, а оттогаш, во последните шест месеци, полицијата двапати успеа да го спречи неговото убиство.
Бојовиќ во 1995 година беше осуден на три месеци затвор за напад на полицаец, но никогаш не ја одлежа казната поради помилување. Тој беше уапсен во 2012 година во Валенсија за убиството на Милан Јуришиќ Јуре, но беше ослободен од таа вина и покрај бројните докази. Меѓутоа, во 2015 година беше осуден на 18 години затвор во Шпанија за фалсификување документи, злосторничко здружување и поседување оружје. Бојовиќ по отслужување на две третини од казната беше пуштен на условна слобода, а во Србија пристигна на 30 ноември 2022 година, каде што е слободен човек.
Лука Бојовиќ долго време се сметаше како неформален водаш на Земунски клан.