Во синоќешните масовни воздушни напади на руските сили врз Украина, експлозии го потресоа главниот град Киев и другите градови, а соседна Полска рано утринава ги активира своите воздухопловни сили поради нападите низ целата земја.
Руски ракетен напад ја гаѓаше енергетската инфраструктура низ Украина, што доведе до превентивни прекини во снабдувањето, објави министерот за енергетика Герман Галушченко, пренесува Ројтерс.
Експлозии се слушнаа во градот Запорожје во југоисточна Украина и во црноморското пристаниште Одеса, а украинските воздухопловни сили издадоа предупредување за воздушен напад на целата територија на земјата.
Жителите беа повикани да се засолнат бидејќи голем број проектили, вклучително и разни видови крстаречки ракети, летаат низ украинскиот воздушен простор. „Во тек е уште еден масовен напад врз електроенергетскиот систем“, објави Галушченко на Телеграм.
Поради рускиот напад низ Украина, Полска рано утринава ги активираше своите воздухопловни сили.
„Поради масовниот напад на Руската Федерација со крстаречки ракети, балистички ракети и беспилотни летала врз објекти лоцирани, меѓу другото, во западна Украина, полските и сојузничките воени авиони започнаа со операции во нашиот воздушен простор“, беше објавено утринава на платформата „Икс“ од командниот центар на Полска.
ФОТО: Архива