Откако Доналд Трамп по вторпат беше избран за претседател на САД на изборите одржани на 5 ноември, дел од Американците се незадоволни од изборните резултати, а од селото Ололаи на Сардинија намирисаа можност за можен „бум“, пишува Си-Ен-Ен.
Во селото во кое населението веќе се намалува со децении, повикуваа странци за да се вселат уште пред изборите во САД.
Сега тие отворија веб страница која е наменета за жителите на САД, каде што може да разгледаат евтини домови, и оние кои не се задоволни од изборните резултати, да се преселат таму.
Некои куќи се нудат по само 1 евро.
„Дали сте уморни од глобалната политика? Дали сакате да уживате во побалансиран начин на живот, со многу нови можности? Време е да започнете да работите на вашата преселба во Европа во прекрасниот рај на Сардинија“, стои на веб страницата.
Претставникот на селото Франческо Колумбу објасни дека страницата е создадена специјално за да привлече незадоволни американски гласачи по претседателските избори. Тој објасни дека ја сака Америка и дека е убеден дека Американците ќе помогнат за заживување на селото.