САД нема да ги извршуваат налозите за апсење издадени од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант, соопшти денеска портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Таа го нарече потегот на МКС „погрешен процес“, бидејќи, како што наведе, обвинителот на тој суд, Карим Кан, „не му дал на Израел значителна можност да се вклучи конструктивно и соодветно да ги разгледа неговите домашни процеси“.
„Ова го доведува во прашање кредибилитетот на обвинителот и неговата истрага“, рече Жан-Пјер, пренесе Ројтерс.
Жан-Пјер рече дека демократите не ја прекинале испораката на оружје за Израел бидејќи, како што рече, тоа би било контрапродуктивно за напорите на САД да обезбедат прекин на огнот во Либан и во Појасот Газа.
„Имаме силни причини да веруваме дека терористичките групи, како Хамас и Хезболах, сакаат да го видат Израел во позиција на немоќ, а ние не сакаме тоа да се случи“, рече Жан-Пјер.
Претходно денеска МКС објави дека е распишана потерница за Нетанјаху, Галант и Ал Масри под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото за време на конфликтот во Газа.
МКС додаде дека овие налози за апсење „се во интерес на жртвите и нивните семејства“, како и дека постојат „разумни сомневања“ дека тие „ги превиделе нападите врз цивилното население во Појасот Газа“.
Израел, како и САД, не е член на МКС, но тој суд рече дека израелското прифаќање на неговата јурисдикција не е неопходно.