Словачка планира кон средината на идната година да распише тендер за изградба на нова нуклеарна централа со цел да ја задоволи растечката потрошувачка на електрична енергија со изградба на нови капацитети, соопшти словачкото Министерство за економија.
Во соопштението се наведува дека новата нуклеарна централа ќе има моќност од околу 1,7 илјади мегавати (MW).
Победникот на тендерот ќе биде објавен во април 2027 година, а изградбата би можела да започне во 2032 година.
Пробната работа на нуклеарната централа е планирана за 2038 година, а целосната работа во 2040 година. Се проценува дека трошоците би можеле да изнесуваат околу десет милијарди евра.
Во Словачка веќе има две нуклеарни централи.
Некои европски земји, вклучително и Словачка, Полска, Чешка и Унгарија, планираат да изградат нови нуклеарни централи за да ги исполнат своите планови за преминување од фосилни горива на еколошки чисти извори на енергија.