Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко денеска изјави дека за време на претседателските избори во 2020 година го исклучил интернетот со цел да ја заштити земјата од потенцијална дестабилизација и дека доколку дојде до слична ситуација, целосно ќе го исклучи интернетот.
Тој истакна дека тогаш морал да го избере „помалото зло“.
„Кога имате две сериозни закани, треба да го измерите она што е поважно“, рече Лукашенко.
Тој е убеден дека „одлучноста“ е единствениот начин да се спаси земјата, пренесе агенцијата Белта.
Лукашенко нагласи дека доколку опозицијата ја преземе власта, тоа може да доведе до интервенција на силите на НАТО, кои, според него, веднаш ќе бидат поканети во Белорусија.
„Исто така, сигурен сум дека Русија ќе реагира на тоа“, додаде тој.
Според него, Интернетот бил главниот канал преку кој пред четири години се организирале протести, со поддршка од надвор, пред се од Полска.
Претседателот на Белорусија потсети на своите постапки во кризните моменти во 2020 година, кога, според него, лично носел автоматско оружје и патролирал во Минск за да ја смири ситуацијата.
Тој рече дека е фокусиран на тоа да ја спречи Белорусија да стане „друга Украина“.
„Моја главна должност е да ја заштитам земјата“, рече Лукашенко, објаснувајќи дека е длабоко убеден дека, доколку не преземе соодветни мерки, Белорусија би можела да западне во конфликт „многу полош од оној во Украина“.
За време на претседателските избори во Белорусија во 2020 година избувнаа протести, бидејќи лидерот на опозицијата во таа земја, Светлана Тихановска, тврдеше дека победила.
Следните претседателски избори во Белорусија се закажани за 26 јануари 2025 година, а Лукашенко најави дека повторно ќе се кандидира, пренесува Танјуг.