Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, остро го критикуваше украинскиот парламент откако пратениците одбија да присуствуваат на седницата поради страв од можен напад од руски проектил „Орешник“.
Во исто време, Киев побара нови системи за противвоздушна одбрана кои би можеле да соборат руски ракети со среден дострел.
Зеленски во вечерното обраќање истакна дека сите државни институции, вклучувајќи ги производните капацитети и амбасадите, мора да функционираат нормално кога нема воздушна закана. Тој особено посочи дека податоците од разузнавањето мора да се третираат како информација, а не како „дозвола за слободен ден“, директно алудирајќи на однесувањето на членовите на украинскиот парламент.
„Кога ќе се огласи сирената – одиме во засолниште. Кога нема сирена – работиме и служиме. Во војна нема друг пат“, рече Зеленски, јасно покажувајќи го своето незадоволство од реакцијата на државните институции на последната руска закана.