Тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп размислува за продолжување на директните разговори со севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун, надевајќи се дека новиот дипломатски притисок ќе го намали ризикот од вооружен конфликт, пренесува Ројтерс повикувајќи се на два неименувани извори.
Неколку членови на тимот на Трамп забележаа дека тој сега презема директен пристап со цел да ги обнови односите што веќе ги воспостави со севернокорејскиот лидер за време на неговиот прв претседателски мандат, изјавија два извори на Ројтерс запознаени со ова прашање.
Според овие извори, Трамп рекол дека „политичките дискусии се флуидни“ и дека „нема конечни одлуки“.
Транзицискиот тим на Трамп не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
Што Ким Џонг Ун ќе му понуди на Трамп за возврат не е јасно, а Севернокорејците ги игнорираа повиците на американскиот претседател Џозеф Бајден во претходните четири години за почеток на преговори без предуслови, додека нивниот претседател во моментов е охрабрен од проширениот ракетен арсенал и многу поблиски односи со Русија, оценува Ројтерс.
За време на неговиот прв претседателски мандат од 2017 до 2021 година, Трамп одржа три средби со Ким Џонг Ун, во Сингапур, Ханој и на границата меѓу двете Кореи, што беше првпат актуелниот американски претседател да стапне на територијата на Северна Кореја.
Дипломатските напори во тоа време не дадоа конкретни резултати, а САД ја повикаа Северна Кореја да се откаже од својата нуклеарна програма, додека Ким побара целосно укинување на санкциите.