13
Четири лица загинаа денеска при потонување на брод со мигранти во Егејското Море, соопшти грчката крајбрежна стража.
Нивните тела се пронајдени во близина на островот Самос, каде што сличен инцидент се случи во понеделникот, соопшти крајбрежната стража.
Спасени се 16 лица, а потрагата продолжува.
Два одвоени инциденти се случија во понеделникот кај островите Самос и Лезбос кога загинаа најмалку девет мигранти, меѓу кои шест малолетни и две жени.
Во Грција годинава е забележан пораст на бројот на луѓе кои бегаат од војна и сиромаштија, од кои за 30 проценти само на Родос и југоисточниот дел на Егејското Море, покажуваат податоците на Министерството за миграција.
Неколку слични инциденти се случија во последните неколку недели, претходниот беше на почетокот на ноември кога четири лица загинаа во близина на островот Родос.
На крајот на октомври две лица загинаа во близина на островот Самос, а неколку дена пред тоа четири лица, меѓу кои две мали деца, загинаа во близина на островот Кос.