32
Достапните здравствено осигурувања во САД, „Медикеар“ и „Медикејд“, од наскоро ќе опфаќаат и бесплатни лекови против зголемена телесна тежина, јавија синоќа од Белата куќа. Осигурувањето ќе покрива лекови чија цена надминува 1.000 долари.
-Овој предлог ќе им овозможи на Американците и нивните лекари да одредат најдобар начин за прогрес во водењето поздрав начин на живот, без да се грижат за можноста да сносат трошоци за вакви лекови. Истовремено ќе се намалат трошоците за здравство во нашата земја, се наведува во изјавата на претседателот Џо Бајден.
Во документот не се прецизираат лековите што ќе ги покрива осигурувањето, ниту за кого точно ќе бидат достапни. Исто така, не е познато дали Бајден ќе успее да го одобри новото правило пред да замине од функцијата во јануари 2025 година.
-Според проценките, 42 отсто од населението во САД страда од дебелина, која сега е широко призната како хронична болест со зголемен ризик од смртност и бројни придружни болести, како што се дијабетис, кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар, некои видови рак и многу други, се вели во изјавата на Белата куќа. Се истакнува дека лековите не само што помагаат во губење на прекумерна тежина, туку и во спречување на развој на дијабетес од втор тип.
Во моментов, програмите Medicare и Medicaid покриваат користење на лекови против дебелина за лица кои имаат дијабетес. Новото правило ќе го прошири бројот на луѓе на кои лекарите ќе можат да им препишуваат овие лекови. Ова се однесува на 3,4 милиони корисници на програмата Medicare и 4 милиони на програмата Medicaid.