За сквернавењето на знамињата уапсени се вкупно 17 лица.
„Жалам што најголем број од овие сторители, како Македонци, така и Албанци, се луѓе коишто се млади луѓе“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Во Скопје последно се уапсени четири лица.
„Двајца поврзани со кривично правен настан којшто беше споделен на социјални мрежи, каде што се кине македонското знаме“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Работа имала и полицијата во Прилеп.
„Три лица, во текот на вчерашниот ден, односно вечерта, се лишени од слобода во Прилеп, коишто го сквернават албанското национално знаме“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
МВР ќе испитува и што точно правел униформиран полицаец од Куманово, за кој опозицијата обвини дека поттикнувал омраза.
„Па дури, униформирани полициски чинители биле вклучени во палењето и омаловажувањето на албанското знаме“, вели потпретседателот на ДУИ, Бајрам Реџепи.
„Ќе се покрене дисциплинска постапка и за полицаецот којшто, наместо да одржува ред и мир, се бави со знамињата што не е негова одговорност“, изјави Изет Меџити, прв вицепремиер.
„Ќе постапиме соодветно, ве уверувам, јавноста ќе следи“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Министерот Тошковски исто така информира дека со протестна нота реагирала и српската амбасада. По ова е уапсен 17-годишник од Куманово, кој ја откорнал плочата на Конзулатот на Србија во Куманово. Дополнително, и во Кичево е уапсено едно лице, кое од јарбол ги симнало и македонското и албанското знаме.