Сезонски прилагодената стапка на невработеност во еврозоната остана на рекордно ниско ниво од 6,3 отсто во октомври, исто како и во септември и август, објави денеска Евростат.
Во Европската унија, исто така, стапката на невработеност во октомври стагнира на 5,9 отсто. Евростат проценува дека нешто повеќе од 12,9 милиони луѓе биле невработени во Европската унија во октомври, од кои речиси 10,9 милиони биле во еврозоната.
Во споредба со септемврискиот извештај, невработеноста паднала за 70.000 во Европската унија и за 3.000 во еврозоната. Ако ги споредиме сегашните податоци со резултатите од октомври 2023 година, невработеноста паднала за 416.000 во Европската унија и за 411.000 во еврозоната на годишно ниво.
Стапката на невработеност на младите до 25 години во октомври 2024 година изнесува 15,2 отсто во Европската унија и 15 отсто во еврозоната. Како што се наведува, стапката на невработеност на жените во Европската унија е 6,1 отсто, а на мажите 5,7 отсто.
Висока невработеност е забележана во Шпанија 11,2 отсто, Грција 9,8 отсто, Шведска и Финска по 8,5 отсто, додека ниски стапки на невработеност се регистрирани во Чешка – 2,6 отсто, во Малта три отсто и во Полска 3,1 отсто.