Портпаролот на националната безбедност на Белата куќа Џон Кирби денеска изрази уверување дека договорот за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас ќе почне да се применува во недела и дека прашањата што се појавија во последен момент ќе бидат решени.
Кирби го изјави ова затоа што Израел се уште официјално не објавил дека е постигнат договор, инсистирајќи на тоа дека има преостанати детали кои треба да се финализираат и дека палестинската екстремистичка организација Хамас става пречки во преговорите.
„Свесни сме за прашањата што денеска ги постави премиерот и работиме на тоа. „Нашиот тим на теренот всушност работи со него и неговиот тим за да го средиме и испегламе и да продолжиме напред“, изјави Кирби за NBC.
Кабинетот на Нетанјаху утринава објави соопштение во кое го обвини Хамас дека се откажува од некои договори и создава криза во финализирањето на договорот.
Портпаролот на Владата на Израел, Дејвид Менсер, изјави дека израелската делегација се уште е во Доха, главниот град на Катар, но не кажа од кои ветувања Хамас се откажал.
„Очигледно е дека треба да биде одобрено од израелската влада и премиерот Нетанјаху го знае тоа. Тој работи на тоа и ние сме убедени дека ќе можеме да ги решиме овие прашања што се појавија во последен момент и да продолжиме и за прекинот на огнот да стапи на сила од недела“, изјави Кирби, пренесоа израелските медиуми.
На прашањето дали новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп влијаел на постигнувањето на договорот, Кирби одговори дека изолацијата и слабеењето на Хамас е главниот одлучувачки фактор, но дека поддршката на Трамп „секако помогна, за тоа нема никакво прашање“.
Постигнувањето на договорот за примирје и ослободувањето на заложниците синоќа го потврди и американскиот претседател Џозеф Бајден.
„Треба да престанеме да се грижиме за сите овие заслуги, кој за што одговара. Заложниците не се грижат, луѓето во Газа не се грижат“, рече тој, пренесува Бета.