Косовските власти затворија 28 паралелни канцеларии на општини на Србија во 5 региони, кои што ги управувале, под закони од Србија. Министерот за внатрешни работи Џељаљ Сфечла најави затворање на дивите канцеларии во Липјан, Обилиќ, Приштина, Косово Поле, Вуштри, Новобрдо, Каменица, Витина, Раховец и Скендерај.
„Од денеска е затворено поглавјето на српските нелегални, криминални паралелни институции во Република Косово. Во Бања и секаде во Република Косово завршуваат општинските објекти, поштите, даночните канцеларии и сите остатоци од паралелни институции“, вели Џелал Сфечла.
Дури и министерот за локална самоуправа, Елберт Красниќи, ова го оценува како чекор во заложбата на институциите граѓаните да се чувствуваат еднакви пред законите на Косово.
„Овие паралелни криминални институции на Србија немаат место во Република Косово“, вели Елберт Красниќи.
Но, на ваквата постапка на институциите реагираше Основното обвинителство во Приштина, кое соопшти дека не дало одобрение за рациите и претресите во тие објекти.
„Државниот обвинител имајќи го предвид фактот дека во овој случај не се почитувани неопходните постапки децидно дефинирани во Законот за кривичната постапка на Република Косово, не можеше да издаде никакво овластување за конкретниот случај. Државниот обвинител е подготвен и посветен на гонење на кривичните дела и нивните сторители, секогаш врз основа на важечката законска регулатива, како и врз основа на принципот на еднаквост и недискриминација на сите граѓани на Република Косово“, вели Основно обвинителство Приштина.
Амбасадата на САД во Приштина поинаку ја гледа одлуката за затворање на српските паралелни институции, велејќи дека тоа може да влијае на односите меѓу Приштина и Вашингтон.
„Овие акции, против нашите најдобри совети, ја ослабуваат довербата во односите и ја ограничуваат нашата способност да му помогнеме на Косово да обезбеди подобра и посветла иднина за сите негови луѓе. Продолжуваме да ја следиме ситуацијата“, велат од амбасадата на САД во Приштина
Минатата година, косовската полиција ги затвори привремените општински тела во Пеќ, Истог, Клина, Скендерај и Северна Митровица, каде што се затворија филијалите на Пошта Србија, трезорот на Народната банка на Србија во Лепосавиќ, Поштенската штедилница други дирекции.