Бугарија доби редовна политичка Влада. Меѓу приоритетите кои ги спомена новиот премиер Росен Жељазков беше и процесот на проширување на Унијата. Тој, барајќи поддршка во Собранието, кажа дека проширувањето ќе биде поддржано врз основа на веќе постигнатите договори.
„Активни дејствија за проширувањето на европскиот простор со Западен Балкан, со запазување на сите постоечки договори меѓу засегнатите страни и во согласност со националниот интерес на Бугарија.“, вели Росен Жељазков.
Од опозициската десничарска партија „Преродба“ ја повикаа новата власт да биде поостра кон Македонија.
„Ќе смогнете ли храброст конечно да им кажете во Македонија дека не може да си дозволува српските слуги коишто ја управуваат Македонија да водат таква антибугарска политика? Кога ќе го направите тоа? Сега е моментот.“, порача Цончо Ганев.
Од ВМРО-ДПМНЕ веста за новата Влада во Бугарија ја примија со резерва во контекст на очекувањата за дијалог за евроинтегративниот пат.
„Со оглед на искуството сме резервирани и претпазливи, но се разбира и отворени за дијалог на принципиелни основи, кои ќе гарантираат заштита на нашиот идентитет и нашите црвени линии.“, вели Миле Лефков.
Последно, еврокомесарката за проширување Марта Кос од Брисел истакна дека е потребна промена на Уставот за да се отворат преговарачките поглавја, а домашните власти очекуваат гаранции дека во иднина нема да има нови блокади.