По 15 месеци, наместо гранати и бомби, низ Газа песна и радост….
Стотици лица излегоа на улиците на Деир-ал-Балах во Појасот Газа, доцна синоќа откако повеќе официјални лица објавија дека Израел и Хамас се согласиле на договор за прекин на огнот.
Емоциите се измешани..Радосни за прекинот на огнот, но жал за изгубените животи.
„Многу убаво чувство, и фала му на Бога што договорот е постигнат и дека ќе се вратиме во нашите домови, во нашите семејства и кај нашите најблиски. Точно е дека нашите домови ги нема, нашите најблиски, нашите браќа , нашите семејства ги нема“, вели Хајтам Догмош.
Договорот ветува ослободување на десетици заложници држени од Хамас во фази и стотици палестински затвореници во Израел и ќе им овозможи на стотици илјади луѓе раселени во Газа да се вратат во она што останало од нивните домови.
„Неописливо чувство, а ние се уште сме во шок од радост, посакуваме милост за мачениците и брзо закрепнување на ранетите“.
Премиерот на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, рече дека прекинот на огнот ќе стапи на сила во недела. Тој го објави ова во катарскиот главен град Доха, место на неколкунеделни макотрпни преговори.
Тројца функционери од САД и еден од Хамас претходно потврдија дека е постигнат договор, додека канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека се „пеглаат“ последните детали. Секој договор мора да биде одобрен од Кабинетот на Нетанјаху. Израелскиот премиер им се заблагодарил на Трамп и Бајден за помошта за воспоставување на мир.
Сите светски лидери го поздравија договорот, надевајќи се дека ќе биде целосно исполнет и дека ќе биде ставен крај на страдањата на Палестинците. Европската унија најави финансиска помош, а хуманитарните организации брзо распоредување низ уништените подрачја.