Според документот за прекин на огнот, во кој увид имаше Ал Џезира, планирани се три фази.
Првата фаза ќе трае шест недели и ќе вклучува ограничена размена на затвореници, делумно повлекување на израелските трупи од Газа и зголемен проток на помош во енклавата.
Ќе бидат ослободени 33 израелски затвореници, вклучително жени, деца и цивили на возраст над 50 години – земени за време на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Во замена, Израел ќе ослободи околу 2.000 палестински затвореници, вклучително и 250 затвореници кои отслужуваат доживотна казна. Меѓу ослободените Палестинци има околу 1.000 кои беа приведени по 7 октомври 2023-та година.
Заедно со размената на заробеници, Израел ќе ги повлече своите сили од населените центри во Газа во области не повеќе од 700 метри во внатрешноста на границата на Газа со Израел.
Израел ќе им дозволи на цивилите да се вратат во своите домови во опколениот север на енклавата и ќе дозволи зголемување на помошта до 600 камиони дневно.
Израел ќе дозволи и ранетите Палестинци да го напуштат Појасот Газа на лекување, а седум дена по почетокот на спроведувањето на првата фаза да го отвори преминот Рафа со Египет.
Израелските сили ќе го намалат своето присуство во коридорот околу граничната област меѓу Египет и Газа, а потоа целосно ќе се повлечат најдоцна 50-тиот ден од стапувањето на сила на договорот.
Втора фаза.
Доколку Израел утврди дека се исполнети условите за втората фаза, Хамас ќе ги ослободи сите преостанати живи затвореници, главно машки војници, во замена за ослободување на повеќе Палестинци кои се наоѓаат во израелскиот затворски систем. Дополнително, според сегашниот документ, Израел ќе иницира „целосно повлекување“ од Газа.
Трета фаза
Според нацртот договорот, доколку се исполнат условите од втората фаза, во третата фаза ќе бидат предадени телата на преостанатите затвореници во замена за план за реконструкција од три до пет години што ќе се спроведува под меѓународен надзор. Ќе следува помош од меѓународната заедница за обнова на Газа, пред се од арапските земји и Соединетите американски држави.
Преговорите за прекин на огнот беа со посредство на Катар, Египет и САД.
Од почетокот на војната во енклавата помеѓу Израел и Хамас од октомври 2023 година, повеќе од 46.000 Палестинци се убиени во израелските напади. Поголемиот дел од жртвите се жени и деца.