Стотици Палестинци се собраа во централниот дел на Газа да го прослават стапувањето на сила на примирјето помеѓу Хамас и Израел. Прекинот на огнот во Газа стапи на сила во 11:15 часот по локално време, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Претходно, израелската влада потврди дека Хамас и доставил список на заложници кои треба да бидат ослободени во текот на денот.
Почетокот на примирјето меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Газа, требаше да започне во 8:30 часот по локално време, но беше одложено бидејќи Хамас навреме не ги соопшти имињата на заложниците кои треба да бидат ослободени поради, како што наведоа технички причини.
Веднаш откако стапи на сила договорот, илјадници Палестинци раселени поради војната се вратија во своите домови во Појасот Газа.
Илјадници луѓе пристигнаа во Џабалија од градот Газа на северната палестинска територија.
Други движења на населението беа забележани во секторите Рафа и Кан Јунис на југ.
Катар, заедно со САД и Египет, ќе го следат спроведувањето на договорот. Војната во Газа започна со упад на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беа земени како заложници. Од тој број, 94 се уште се во Газа, а израелската војска верува дека 34 се мртви.
Најмалку 46.899 луѓе се убиени во израелските напади врз појасот Газа за 15 месеци.