Социјалната мрежа Тик Ток престана да биде достапна за корисниците во САД во неделата, непосредно пред да стапи на сила забраната за апликацијата, соопштија светските агенции.
Апликацијата повеќе не е достапна во продавниците за апликации Apple и Google.
На корисниците им е прикажана предупредувачка порака во која се наведува дека услугите на Тик-Ток се „привремено недостапни“.
„Работиме да ја вратиме нашата услуга во САД што е можно поскоро“, се вели во пораката.
Врховниот суд на САД во петокот го потврди законот со кој се бара BiteDance, сопственикот на Тик Ток, да ја продаде популарната апликација што ја користат речиси половина Американци или ќе се соочи со забрана за влез во земјата.
Тик Ток е една од најпопуларните социјални мрежи во САД, која ја користат околу 170 милиони Американци, или околу половина од вкупното население, вклучително и многу млади луѓе.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, изјави дека размислува за тримесечно одложување на забраната на Тик Ток.
„Продолжувањето од 90 дена е нешто што најверојатно ќе се направи, бидејќи е соодветно. Треба внимателно да го разгледаме. Тоа е многу важна ситуација. Ако одлучам да го направам тоа, веројатно ќе го објавам во понеделник“, додаде тој.