Најмалку 76 лица загинаа во пожар што синоќа го зафати нивниот хотел во ски-центар во центарот на Турција, според новиот биланс објавен од турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Според претходниот биланс има 66 загинати и 52 повредени, изјави министерот кој дојде да го посети местото на несреќата. Тој не прецизираше дали е променет бројот на повредени.
Пожарот избувнал во 3:27 часот по локално време, изјави претходно министерот и додаде дека во дванаесеткатниот луксузен објект Гранд Картал, во ски-центарот Карталкаџи, 170 километри источно од Анкара, регистрирани се 238 гости.
Пламенот многу брзо се проширил, а медиумите јавуваат дека хотелот најверојатно немал систем за откривање и алармирање пожар.