Училиштата на грчките острови Санторини, Иос, Аморгос и Анафи ќе останат затворени до петок, поради продолжената сеизмичка активност помеѓу Санторини и Аморгос. Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција соопшти дека од 1 февруари се регистрирани 200 земјотреси со интензитет над три степени, а најсилниот имал магнитуда од 4,9 степени. Препораките за граѓаните остануваат на сила.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас денеска одново свика состанок на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности што се одржа во Министерство за климатски кризи и цивилна заштита, каде што детално биле разгледани досегашните податоци.
Членовите на Комисиите едногласно констатирале дека сеизмичката активност во калдерата останува на исто ниско ниво како и во претходните денови, дека сеизмичката серија во морската област меѓу Санторини и Аморгос е особено висока, со 200 земјотреси од 1 февруари со јачина над три степени (и со максимална регистрирана магнитуда од 4,9 степени), но и дека тековната сеизмичка активност се должи на подморски раседи со североисточен и југозападен правец.
– Комисиите ги препорачува следните превентивни мерки: училиштата да останат затворени до петок 7 февруари 2025 година во Тира, Анафи, Иос и Аморгос. Граѓаните ќе треба: да избегнуваат големи собири во внатрешноста на објектите; да избегнуваат пристап во напуштени објекти; да избегнуваат пристап и престој во пристаништа Амуди, Армени, Крфос и старото пристаниште во Фира; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, особено на места каде што има опасност од појава на одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес, соопштија попладнево од Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, што воедно е продолжување на мерките што веќе беа соопштени.
Комисиите ќе одржат нов состанок во среда наутро.