Унгарската влада ја разгледува можноста за повлекување од Светската здравствена организација (СЗО), откако САД и Аргентина веќе донесоа таква одлука.
Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан во четвртокот потврди дека земјата може да го следи примерот на Соединетите држави, кои се повлекоа од СЗО веднаш по инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп во јануари. Сличен потег во средата најави и аргентинскиот претседател Хавиер Миел.
Гергели Гуљаш, министер одговорен за кабинетот на премиерот, рече дека Унгарија треба внимателно да го разгледа овој чекор.
„Ако најмоќната земја во светот одлучи да ја напушти меѓународната организација, верувам дека унгарската влада треба да продолжи со голема претпазливост во размислувањето дали треба да го стори истото и самата“, рече Гуљаш.
Тој додаде дека се уште не е донесена конечна одлука, но дека сериозно се анализира прашањето за повлекување, особено во светло на фактот дека „најсилната демократија во светот ја напушти организацијата по своја волја“.