Најмалку 17 лица загинаа во големото невреме во САД со силен ветер и моќни торнада, а уништени се десетици домови, јавува денеска агенцијата АП.
Најголем број загинати утринава има во американската сојузна држава Мисури, која синоќа беше погодена од торнада, во кои загинаа најмалку 11 лица, соопштија властите.
Од автопатската патрола на таа земја известија и дека се повредени неколку лица.
Официјални лица во државата Арканзас утринава известија дека три лица загинале во округот Индипенденс, а 29 се повредени во осум окрузи кога невремето поминало низ државата во текот на ноќта.
Тимовите ја испитуваат штетата предизвикана од моќните торнада во текот на ноќта, а спасувачите се на терен за да помогнат, изјави гувернерката на Арканзас, Сара Хакаби Сандерс на мрежата Икс.