На лондонскиот пазар барел нафта се тргуваше по цена од 32 центи пониска од вторникот, по 74,17 долари. Речиси исто толку падна и барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 70,95 американски долари.
Очите на трговците се вперени во Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп со недели најавуваше дека 2-ри април ќе биде „Ден на ослободувањето“, што ќе донесе нови царини кои би можеле да го разнишаат глобалниот трговски систем.
Соединетите Американски Држави (САД) повторно воведоа царини за увоз на челик и алуминиум, а денес и за увоз на автомобили. Давањата за автоделови треба да стапат во сила најдоцна до почетокот на мај.
Канада и Кина веќе возвратија на даноците, ЕУ ги одложи најавените царини до средината на април, а Мексико го испрати својот министер за индустрија во Вашингтон на преговори.
Пазарите стравуваат дека трговската политика на американскиот претседател може да ја поттикне инфлацијата и трговските конфликти и да го запре економскиот раст, што би значело и послаба побарувачка за енергија.
Цените се зголемија во март и сега изнесуваат 75 долари во Лондон. Вниманието од намалувањето на понудата поради американските санкции се префрли на најавите за царини на Трамп и нивното можно негативно влијание врз економскиот раст и побарувачката, објасни Оле Хансен од Saxo Bank.
Тој додаде дека трговците сакаат да знаат дали САД ќе воведат царини за увоз на нафта, што би можело да ги зголеми цените на рафинираните производи.
Пресметките покажуваат дека нафтата, генерално, би можела да поевтини бидејќи поумерените царини веројатно нема да поттикнат зголемување на цените во Лондон, додека позначајните давачки би можеле да предизвикаат бран на продажба, сметаат аналитичарите.