Бројот на загинати во земјотресот во Мјанмар со јачина од 7,7 степени се искачи на 3.515 лица, а најмалку 210 лица се водат како исчезнати, покажуваат податоците кои денеска ги објави војската на Мјанар.
Повеќето од жртвите се од Мандалеј, вториот по големина град во Мјанмар. Таму загинаа повеќе од 2.100 лица.
Продолжувањето на работата на спасувачките служби го отежнуваат обилните дождови и ветрови кои ги оштетија шаторите и теренските болници на меѓународните тимови. Метеоролозите предупредуваат на можност од поплави и одрони поради претстојната врнежлива сезона.
Властите прогласија крај на операциите за пребарување и спасување и го пренасочија својот фокус на извлекување и расчистување на остатоците. Извештаите укажуваат дека мртовечниците се преполни и масовно кремирање се врши на отворено, јавува ДПА.