Во Грција денеска се одржува 24-часовен штрајк, организиран од двата најголеми синдикати во земјата, со барање за зголемување на платите и намалување на инфлацијата, јавуваат грчките медиуми.
Штрајкот ќе доведе до прекини во сообраќајот низ државата, како и во образованието и општинските работи, објави Катимерини.
Генералната конфедерација на грчките работници (ГСЕЕ), која ги претставува вработените во приватниот сектор, и синдикатот на јавниот сектор АДЕДИ повикаа на штрајк.
Контролорите на летање ќе се приклучат на штрајкот, што ќе предизвика прекин на воздушниот сообраќај.
И фериботите ќе бидат прекинати бидејќи во штрајкот учествува и Панхеленската федерација на морепловци (ПНО).
Метрото во Атина ќе работи само од 10 до 17 часот.
Нема да има железнички услуги во Атина, вклучително и приградската железница.
Автобусите и тролејбусите на јавниот превоз ќе сообраќаат од 9 до 21 часот, а надвор од тоа време сообраќајот ќе биде во прекин.
Се очекува нормално да сообраќаат приградските автобуски линии.
Синдикатите бараат колективни договори за работа, зголемување на платите и враќање на 13-ти и 14-ти месечни плати.