Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа им објасни на новинарите дека го одложил воведувањето царини за многу земји, за нивната стока, бидејќи луѓето станале „нервозни“ и „исплашени“. Кина не е опфатена во оваа мерка на одложување на царините.
Тој, исто така, рече дека очекува да се постигне договор со одделни земји за царините, но дека „сè уште ништо не е направено“.
Трамп претходно на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека вчерашната ненадејна одлука за одложување на примената на царините ја донел затоа што „повеќе од 75 земји“ се обратиле до американската влада за водење трговски преговори и не посегнале по одмазда во суштинска смисла.
Според него, во периодот на одложување од 90 дена, таканаречените „реципрочни тарифи“ се намалени на 10 отсто, а одлуката веднаш стапила во сила.
Царинската стапка од 10 проценти е всушност основната линија за повеќето земји во светот, а таа стапи на сила во саботата. Тоа е значително пониско од првично воведеното за увезената стока од Европската унија, која изнесуваше 20 отсто, за стоката од Јапонија, која беше 24 отсто, и за стоката од Јужна Кореја, Канада и Мексико, која беше 25 отсто. Сепак, тие 10 проценти се секако зголемување во споредба со претходната тарифна стапка што ја наплаќаа САД.
За Кина, пак, денеска Трамп дополнително ја зголеми царинската стапка од 104 на 125 отсто, неколку часа откако Пекинг вети дека ќе се бори „до крај“ и воведе царини од 85 отсто за американските стоки.
Се чини дека ова е резултат на напорите да се намали она што изгледаше како невидена трговска војна меѓу Америка и остатокот од светот на – трговска војна меѓу Америка и Кина.
Пред неколку дена премиерот Христијан Мицкоски за царинтие од САД изјави дека „веројатно се работи за грешка“ и дека ќе преговараат со САД околу оваа тема.