Полицијата ја продолжува потрагата по напаѓачот кој застрела и уби двајца мажи во германскиот град Бад Наухајм, северно од Франкфурт, изјави во неделата портпаролот на полицијата. Две жртви беа пронајдени со прострелни рани пред станбен блок во саботата. Полицијата не соопштува детали за жртвите, освен дека се работи за мажи, а засега не е јасно дали го познавале напаѓачот.
Полицијата смета дека нема опасност за жителите и јавноста.
„Според досегашните информации нема опасност за жителите“, велат од полицијата, но не можат да дадат никакви информации за околностите на инцидентот, ниту за мотивите на сторителите. Во овој момент веруваме дека ова е само еден сторител“, рече портпаролот на полицијата.
Полицијата распореди значителни сили, вклучително и службеници во униформа и цивилна облека, специјални сили и хеликоптер, за да го открие сторителот на убиствата. Таа, исто така, забранила пристап до местото на злосторството.