416
Зошто полицајците кои последни беа вклучени во истрагата на Обвинителството се пуштени дома – прашаа дел од родителите и роднините на настраданите млади во Кочани на денешниот протестен марш во градот. Тие со слики во рацете од нивните најблиски побараа одговорност од полицијата. Сметаат дека полицајците не одговориле како што требало.
-Полицијата предвреме ја најави рацијата и полицајците цел час имаат чекано надвор за да ги скријат малолетниците и да ја продаваат дрогата на монструмот. Кога било влезено, знаат дека е доцна. Најавена рација не се прави, рече една од мајките на починатите деца за кобната вечер во „Пулс“.
Според дел од родителите, полициско возило таа вечер направило само една обиколка и си заминале.
-Јавна тајна е дека дел од полицајците и инспекторите имале бенефит од ова. Ама зошто нашите деца да ја платат цената? Сите овие деца се од чесни семејства. Одат на работа и децата сите се чесни. Зошто баш ние? Ние не сме соучесници, не сакаме мито и корупција. Зошто баш ние е најболното, додаде една од мајките.
Протестниот марш е се уште во тек.
Ова е трет протест што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април. Семејствата на настраданите на последниот протест искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер.