100
Првиот полицаец во државата, Панче Тошковски даде најнова изјава околу истрагата за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ во која загинаа 62 лица. Според него, во врска со истрагата која што се води од страна на Јавното обвинителство, сето она што е преземено како дејствие е споделено со јавноста.
-Истрагата е се уште во тек. МВР постапува по добиени насоки и наредби од страна на ЈО. Се надеваме дека за максимално краток временски период ќе ја затвориме целокупната истрага за да може да се продолжи со останатиот дел од постапката, рече денеска Тошковски.
Кочанското обвинителство достави предлог за замена на определената мерка куќен притвор во мерки на претпазливост за двајца осомничени во својство поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат до кочанскиот суд во врска со пожарот. Обвинител побарал мерки за претпазливост и за лице од дискотеката осомничено во првата група.
Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши останува во притвор. Доскорешниот градоначалник Љупчо Папазов, од кумановскиот затвор се сели дома. По барање на Обвинителството во домашен притвор отидоа уште тројца осомничени, поранешниот прв човек на Пазарниот инспекторат, Горан Трајковски, еден инспектор и член на обезбедувањето.
Во досегашната истрага за најголемата трагедија во Македонија, опфатени се вкупно 59 осомничени лица.
Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април. Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Семејствата на настраданите на последниот протест искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.