45
Лос Анџелес Лејкерс беа поразени од Минесота Тимбервулвс со резултат 116:113 и сега се на работ на елиминација од плејофот на НБА.
Средбата беше обележана со потегот на тренерот на Лејкерси, Џеј Џеј Редик, кој одлучи да не прави измени во второто полувреме. Имено, целото второ полувреме, вклучувајќи ја третата и четвртата четвртина, го одиграа Доријан Фини-Смит, Леброн Џејмс, Лука Дончиќ, Остин Ривс и Руи Хачимура.
Според податоците, Редик е првиот тренер кој одлучил да ги задржи истите пет играчи на теренот во текот на целото второ полувреме во плејофот. Иако играчите ги одиграа сите 24 минути од второто полувреме, тие тврдеа дека заморот не е причина за поразот, туку лоши одлуки на судиите во последната минута од натпреварот.
„Заморот не е причина за пораз“, категорично изјави Џејмс по натпреварот, а со него се согласи и Лука Дончиќ. „Заморот нема никаква врска со поразот. Играв многу минути, но не се чувствував уморен.“
Тренерот Редик ја објасни својата одлука да ги задржи истите петмина на теренот.
„Не планирав истите петмина да го играат целото второ полувреме.“На почетокот на четвртата четвртина, ги прашав како се чувствуваат и споменав дека имаме уште два тајм-аута за одмор. Им реков: „Ако некој се измори, нека каже, ќе го заменам“, изјави Редик.
Лејкерси сега губат со 3-1 во серијата од првата рунда во плејофот на Западната конференција и ќе треба да победат во три натпревари по ред за да продолжат понатаму.