63
Во скопскиот Кривичен суд продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежоски. Првообвинетиот Љупчо Палевски одговараше на вкрстени прашања од Јавното обвинителство. Тој во своето сведочење обвини за политички мотивирано гонење, притоа негирајќи дека има каква било поврзаност со насилни кривични дела.
-Сите мои досегашни пресуди се условни и не се поврзани со насилство, изјави Палевски.
Тој тврдеше дека е мета на систематско прислушкување од страна на поранешната УБК (сега АНБ) и дека процесот за оддавање службена тајна е последица на тоа што, како што рече: „Во белешките што ги објавив стои дека сум следен, сликан и прислушкуван, а таму пишува и дека сум организирал атентат врз Зоран Заев“.
-Направив прес-конференција, го повикав Јавното обвинителство да ме повика и да ме испита, затоа што во службените белешки беше напишано дека сум организирал атентат на Зоран Заев. Тоа е напишано во документи на тогашната УБК и тоа беше причина јас да одговарам пред Судот за оддавање службена тајна. А јас немам никаква обврска околу службени тајни, затоа што не работам во безбедносна институција, рече Палевски.
Обвинителката се интересираше, дали ако во Македонија го гонат оти е под политички прогон, иста ли е причината што бил гонет и во Хрватска, а Палевски одговори: „Не, не беше. Ако беше така, јас ќе кажев“. Тој во Задар бил осуден за економски криминал – должел 4000 евра преку неговата фирма, па ги вратил парите, па бил условно осуден.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство за откуп.
Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски пак, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на малолетната Вања.