29
Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, по пласманот во финалето на Лигата на Европа, зборуваше за финалето во кое неговиот тим се соочува на 21 мај во Билбао против добро познатиот ривал – Тотенхем.
Тотенхем го победи Јунајтед три пати оваа сезона – двапати во Премиер лигата и во четвртфиналето на Лига купот. Со гол-разлика од 8:3 во тие три натпревари.
„Секој натпревар има своја историја. Изгубивме три натпревари, можеме да го добиеме овој. Кога ќе ги погледнете коефициентите, ние сме поблиску до победа отколку што се тие. И двата тима ќе играат на сè или ништо во ваков тип натпревари. Речиси е изедначено. Тренерските позиции се речиси слични, знам дека Анге има уште една година, тоа е различен контекст, но… Се мачиме, и ние и тие, па не знам што ќе се случи. Тоа е добра и лоша работа за тимот. Никогаш не се знае. Значи, ќе се обидеме да се подготвиме за натпреварот и мислам дека се подобруваме“, рече Аморим на прес-конференција.
Аморим зборуваше и за полуфиналните дуели со Атлетик.
„Беше добар резултат, ако ги погледнете двата натпревари, беше многу потешко отколку што покажува резултатот. Имаме многу слабости и тоа може да се разбере до одреден степен во играта. Но, се бориме и успеавме да се пласираме понатаму. Заслуживме финале, ако ги погледнете двата натпревари.“
И повторно прашањето за важноста на финалето, бидејќи победникот оди во Лигата на шампионите следната сезона:
„Се согласувам дека парите не се најважна работа, дури ни титулата што ја освојуваш како тренер. Но, тоа чувство го имаме кога правиме добри работи, кога правиме нешто за навивачите, особено во сезона како оваа. Значи, се согласувам дека не е само можноста да играме во Лигата на шампионите следната година, туку чувството дека всушност ги менуваме работите.“