Македонскиот алпинист и кардиолог д-р Сашко Кедев утрово испиша историја – се искачи на врвот Гашербрум I (8.080 м) во Пакистан и стана првиот Македонец и единствениот во поширокиот регион што ги има освоено сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри, како и највисоките планини на сите седум континенти.
Експедицијата на врвот Гашербрум I (G1) беше предводена од „Imagine Nepal“, а врвот беше освоен денеска во 10:44 часот по локално време.
Во тимот заедно со Кедев беа и Ванг Жонг од Кина, како и непалските алпинисти Дава Гјалје Шерпа и Нгима Нуру Шерпа.
„Врвот Г1 на д-р Кедев го означува завршувањето на сите 14 осумилјадници – историски прв за Македонија!“ – објави „Imagine Nepal“.
Со ова искачување, д-р Кедев се вброи во светската алпинистичка елита. Тој досега ги има освоено и:
- Еверест (8.848 м)
- К2 (8.611 м)
- Канченџунга (8.586 м)
- Лхоце, Макалу, Чо Оју, Дхаулагири, Манаслу, Нанга Парбат, Анапурна, Шишапангма, Брод Пик, Гашербрум II, и сега и Гашербрум I
Покрај 14-те „осумилјадници“, Кедев претходно ги има искачено и највисоките врвови на сите седум континенти – подвиг познат како Seven Summits.
Овој успех не само што е лична победа на Кедев, туку и гордост за Македонија, која по првпат има претставник меѓу ретките светски алпинисти кои го имаат совладано најекстремниот алпинистички предизвик на планетата.

