Националниот електронски систем за управување со документи – еDMS, еден од клучните столбови на дигиталната администрација во земјава, ќе претрпи темелна трансформација. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, информираше дека системот ќе биде целосно редизајниран и модернизиран, откако проценките покажале сериозни недостатоци во неговото тековно функционирање. Во моментов, само 20 јавни институции го користат еDMS, а самиот систем е оценет како нестабилен, технолошки застарен и без неопходни стандарди за сајбер безбедност или техничка поддршка, рече Андоновски.
„Станува збор за скап, но нефункционален систем кој се користи само во 20 институции. Во последните две години немало техничка поддршка, одржување или развој. Немало стандарди за сајбер безбедност и никој не се грижел за безбедноста на системот. Честите прекини и падови го направија системот нестабилен. Се користеше исклучиво како електронски архивски кабинет, без користење на дигитално архивирање или обработка на документите.“, порача Стефан Андоновски.
Реформата на еDMS ќе претставува основа за поефикасна, потранспарентна и интегрирана јавна администрација во дигиталната ера, нагласи Андоновски.
„Со овие промени, граѓаните ќе добијат поефикасна администрација, транспарентност и помалку бирократија, онлајн пристап и можност за надзор. За институциите, тоа значи интегрирана платформа што функционира, поврзување меѓу нив, намалување на грешки и оптимизација на ресурсите, а со тоа нема да има потреба секоја институција да креира свој сопствен систем за управување со документи.“, вели Стефан Андоновски.
Тој нагласи дека целта е еDMS да биде целосно функционален, безбеден и интегриран до крајот на годината, со автоматизирана обработка на документи и можност за следење на предмети во реално време. Исто така, најави дека од 1 октомври 2025 година, Министерството целосно ќе ги укине хартиените документи од своето работење.

