Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на свечениот почеток на учебната година, нагласувајќи важни достигнувања за учениците и наставниците.
– За мене претставува огромно задоволство и чест што можам денес да застанам пред вас. Сакам да упатам три пораки кои се важни за мене и за нашата генерација – рече Мицкоски.
Тој посочи дека за првпат по седум години учениците на првиот училишен ден ќе ги имаат учебниците пред себе, што е значаен напредок во образованието. Премиерот се извини на родителите што пред повеќе од 15 години се зборуваше за компјутер за секое дете, а денес се зборува за учебник за секое дете.
– Ви ветувам дека преку нова дисциплина, вештачката интелигенција, со која ќе се запознаат нашите деца, ќе можеме да зборуваме за иднината и предизвиците што таа ни ги носи – додаде Мицкоски.
Тој исто така истакна дека за првпат по 7-8 години учениците ќе имаат учебници по странски јазици, вклучувајќи англиски, германски и француски, што ќе им овозможи да создаваат пријателства надвор од границите на Македонија.
Премиерот изрази благодарност до министерката за образование за нејзиниот труд изминативе 15 месеци, како и до градоначалникот на Кисела Вода, за неговите заложби и амбициозни планови за развој на општината.
На учениците и наставниците им порача дека овие години се клучни за учење на две важни вредности – семејството и татковината, нашата Македонија.
– Наставниците ќе ги пренесат овие вредности на првоодделенците, а она што ќе го научат сега ќе го практикуваат целиот живот – рече Мицкоски, посакувајќи им успешна учебна година.
– Ви благодарам и Бог да ни ја благослови Македонија! – заклучи премиерот.

