Рaперот од Порторико, Бед Бани, ќе настапи на полувремето на најважниот натпревар во НФЛ, Супербоул, на 8 февруари следната година во Санта Клара, Калифорнија.
„Она што го чувствувам е над мене. Ова е за оние кои дојдоа пред мене и истрчаа безброј јарди за да можам да дојдам и да постигнам тачдаун… Ова е за мојот народ, мојата култура и нашата историја. Оди кажи ѝ на твојата баба дека ќе бидеме на полувремето на Супербоул“, рече Бед Бани во соопштението.
Порториканскиот музичар (31) е еден од најстримуваните во светот и, со 12 номинации на Латино Греми наградите во ноември, е еден од највлијателните латиноамерикански уметници.
Бед Бани, роден како Бенито Антонио Мартинез Окасио, освои три Греми награди и 12 Латино Греми награди.
Тој глумеше во бројни холивудски филмови, вклучувајќи го и „Bulletproof“, соработува со бројни модни куќи, амбасадор е на спортски брендови и основач на добротворна фондација.
Тој ќе биде водител на „Saturday Night Live“ на 4 октомври.
Минатата година, американскиот рапер Кендрик Ламар настапи на полувремето на Супербоул во Њу Орлеанс, заедно со гостинот СЗА, а неговиот настап го сруши рекордот и стана најгледана програма на полувремето на Супербоул со 133,5 милиони гледачи.
Со децении, најголемите музички ѕвезди настапуваат на полувремето на најважниот НФЛ натпревар во годината.
На Супербоул, меѓу другите, настапија Принс, Бијонсе, Мадона, Колдплеј, Еминем, Снуп Дог, Др. Дре, U2, Мајкл Џексон, Џенифер Лопез, Шакира и Ријана.

